Соопштенија

Откриена најголема лабораторија за производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција остварувајќи меѓународна правна соработка во предистражна постапка со Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Република Србија откри инсталација на најголема лабораторија за неовластено производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа. За координирање на паралелна прекугранична истрага и соработка е формиран Заеднички истражен тим на органите од двете држави.

Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на Тетово и Скопје, јавното обвинителство во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе акција при што е откриена цела инсталација за неовластено производство на синтетички дроги и се запленети големи количини на синтетичка дрога, како и суровини за нејзино производство.

Станува збор за меѓународна организирана криминална група, составена од државјани на Република Србија и македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во исто време од страна на групата во Тетово била опремена илегална лабораторија за производство на синтетички дроги и прекурсори, со намера за натамошна продажба и организирање на испорака на истите во Република Македонија, Република Србија и во други земји.

Годинава ова е десетта организирана криминална група сузбиена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Надлежниот јавен обвинител презема законски истражни дејствија за процесуирање на откриеното кривично дело и неговите извршители за што во текот на денот јавноста дополнително ќе биде информирана.