Соопштенија

Откриени двајца разбојници кои минатата година ограбија жена во кривопаланечка Конопница

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Разбојништво од чл.237 ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничените на 16.10.2017 година насилно влегле во семејна куќа во селото Конопница, Крива Паланка, физички ја нападнале сопственичката удирајќи ја неколкупати по главата и телото со дрвен стап и обраќајќи и се со зборовите „каде се парите“. Притоа, со употреба на сила и сериозна закана од оштетената одзеле пари во износ од 20.000 денари и една златна паричка.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава против двајцата осомничени, Основното јавно обвинителство Куманово до судија на претходна постапка при Основниот суд Куманово поднесе предлог за определување притвор.

Судијата на претходна постапка со решение го уважи предлогот на Обвинителството и ја определи предложената мерка притвор за двајцата осомничени во времетраење од 30 дена.