Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката “Пулс” продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
Во исто време, во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот, Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот “Пулс” – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата.
Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: istragakochani@jorm.mk
Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим.