Како да се препознае и каде да се пријави корупција?
Колку е важен личниот интегритет за справување со коруптивните влијанија?
Дали обвинителите се соочуваат со притисоци и закани кога постапуваат?
Ова се дел од прашањата кои што ги поставуваа средношколците и студентите на панел-дискусијата “Младите против корупцијата – градење на култура на интегритет и отчетност за општество без корупција” што се одржа вчера во Битола, во организација на Македонско-американската алумни асоцијација, Универзитетот “Св. Климент Охридски” и Амбасадата на САД, во рамките на проектот “Зајакнување на идните лидери – Партнерство на алумните и младите за промоција на граѓански вредности”.
Основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство Битола Оливера Нечаковска на младите им ги објасни ризиците што ги носи корупцијата за општото добро и улогата на јавниот обвинител во кривичниот прогон на коруптивните дела. На панел дискусијата, на која стана збор и за судските постапки, но и за улогата на јавноста и медиумите во борбата со корупцијата, учествуваше и Александар Камбовски, судија на Апелациониот суд Битола и член на Судскиот совет.
Во фокусот на дебатата, преку конкретни примери на корупција во образованието, урбанизмот и здравството, беа презентирани разорните ефекти на коруптивните практики врз секојдневното живеење. Во исто време, целта на дискусијата беше запознавање со улогата и враќање на довербата на младите во правосудните институции.