Соопштенија

Парични казни за петмина светиниколчани

Основното јавно обвинителство – Свети Николе до надлежниот основен суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против пет лица кои во изминатиот период при прогласена епидемија на опасната заразна болест „COVID 19“, не постапиле по определените мерки за нејзино сузбивање или спречување. Во одделни кривично правни настани со своите дејствија сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од чл.206  став 1 од Кривичниот законик.

Тројца од обвинетите пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. Иако на граничните премини на кои оствариле влез во земјава, потпишале изјави за самоизолација, ги напуштиле наведените адреси и оствариле контакт со други лица.

Двајца  од обвинетите (21 и 19 години) не почитувајќи ја Одлуката на Владата на Р.С. Македонија, со која со цел спречување на ширење на заразната болест, се воведува забрана на движење на подрачјето на Р.С. Македонија во временскиот период од 21:00 часот до 06:00 часот, ноќеска во 02:20 часот во ПМВ „СУЗУКИ СВИФТ“ без регистерски таблички биле пресретнати од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе и лишени од слобода.

Со своите дејствија сите обвинети го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара судот да им изрече парична казна во висина од 98 дневни глоби и тоа за еден од обвинетите во висина на една дневна глоба од 10 евра или вкупна вредност од 60.270,00 денари, а за останатите во висина од 20 евра за една дневна глоба или во вкупна вредност од по 120.540,00 денари.