Соопштенија

По предлог на Oсновното јавно обвинителство Тетово, определен 30-дневен притвор за неовластено производство и пуштање во промет на дрога

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.

По предлог од надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Тетово на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

За потсетување, по издадена судска наредба, а во присуство на надлежниот јавен обвинител пред два дена беше извршен претрес на објекти во сопственост на осомничениот.

При претресот на домот и помошните простории во една од собите на кат беа пронајдени 992 грама наркотична дрога марихуана, околу 13 литри засега непозната течност, дигитална вага, дрвена дробилка, шприцеви и други предмети и материи. При претресот на другиот објект, пак, беше пронајдено поголемо количество (околу 40 килограми) наркотична дрога-марихуана спакувана во над 70 полиетиленски ќеси со различна големина, како и ќеса со семки од растителна материја.

По Наредба на јавен обвинител извршена е фото и видео документација на пронајдените предмети при претресот, предметите беа подигнати и испратени на вештачење.