Соопштенија

Побаран притвор за осомничен за загрозување на сигурноста и за спречување полициски службеници да извршат претрес

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против жител на валандовското село Јосифово за кривични дела – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1, како и – Загрозување на сигурноста според член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 25 јуни, осомничениот управител на фирма – сопственик на угостителски објект во селото Сретеново, Стар Дојран, со сериозна закана дека ќе нападне врз нивниот живот и тело, спречил две службени лица – полициски службеници да извршат претрес на угостителскиот објект на платформа. Претресот бил врз основа на наредба на судијата на претходна постапка со цел пронаоѓање докази и траги заради основано сомнение за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и овозможување употреба на наркотични дроги.

Кога полицисиките службеници пристигнале во објектот и му ја предале наредбата за претрес, осомничениот не ја примил и започнал да ги брка службените лица, упатувајќи им навреди и закани, па започнал да крши предмети – маси и столици и го исклучил кабелот за струја, прекинувајќи го доводот на електрична енергија во објектот. По ова, осомничениот бил лишен од слобода.

При претресот на објектот биле пронајдени повеќе пакувања со прашкаста, грутчеста и растителна материја, кои со наредба на Основното јавно обвинителство Гевгелија се испратени на вештачење за да се утврди дали станува збор за недозволени супстанции.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице за кое постои опасност од бегство и можност да ги повтори делата. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена.​