Соопштенија

Побарана казна од 1000 евра за непочитување на полицискиот час во Гевгелија

Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице за сторено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 26 март во 02:45 часот, за време на полицискиот час бил затекнат со автомобил кај клучката Прдејци. Со ова тој не постапил според прописите со кои се определуваат мерки за спречување и сузбивање на опасната болест COVID-19, односно не ја почитувал Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија.

Надлежниот јавен обвинител предложи на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 10 евра во денарска противвредност.