Соопштенија

Побарана условна казна за непостапување по здравствените прописи во Берово

Против две лица Основното јавно обвинителство Берово поднесе Предлог за издавање казнен налог за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите, непочитувајќи ја Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, на 5 април, за време на полицискиот час, биле затекнати како со автомобил се движат по регионалниот пат од Струмица кон Берово. Запрени биле од полициски службеници во атарот на селото Ратево, кај местото викано Три Реки.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот суд Берово на секој од обвинетите да му изрече алтернативна мерка – Условна осуда со која ќе им биде утврдена казна затвор во траење од  три месеци која нема да се изврши ако обвинетите во рок од една година не сторат ново кривично дело.