Соопштенија

Под истрага 23 лица во акцијата „Адитив“

По двонеделна предистражна постапка што започна да се спроведува од 21.11.2024 година кога предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови под раководство на двајца јавни обвинители се реализира голема полициска акција. Единиците на МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, врз основа на 77 барања за издавање наредби за претрес доставени до Основниот кривичен суд Скопје започнувајќи од 27.11. до 9.12.2024 година, извршуваат претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. Издадени се три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување податоци до надлежни институции и МВР. Јавните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против 23 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.

Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка.

Така, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари.

Потоа, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство од чл.275-в од КЗ, дел од осомничените организатори и дел од осомничените припадници на злосторничкото здружение во периодот од 24.11.2023 до 28.06.2024 година во Битола, Неготино и Скопје пуштиле во оптек, примиле пари, извршиле пренос на паричните средства и подигале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.

Акцијата е во тек, се обезбедуваат материјални докази врз основа на кои ќе се донесе одлука за примена на мерките на обезбедување на осомничените, за што јавноста ќе биде информирана во текот на утрешниот ден.