Соопштенија

Поддршка од Словенија во спроведување на финансиските истраги

Со серија консултации и работилници кои се одржаа во периодот од 18 до 23 декември во Скопје и Дојран се заокружија активностите за 2023 година во рамките на проектот „Поддршка за Поглавјето 24 – Финансиски истраги“, кои овозможуваат размена на најдобри практики меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, взаемни обуки и јакнење на капацитетите кои придонесуваат за развој на процедурите за борба против организиран криминал и корупција, со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги. Овие активности се финансирани од словенечкото Министерство за надворешни и европски прашања преку Меѓународната програма за развојна соработка, а во нивната имплементација се вклучени Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и полицијата на Република Словенија.

На консултациите кои се одржаа во Основното јавно обвинителство Скопје учествуваа и претставници на Царинската управа и на Министерството за внатрешни работи. На нив, заедно со јавен обвинител од Специјализираното јавно обвинителство на Република Словенија, експерт за економски, даночен и криминал во јавниот сектор од словенечкиот Директорат за криминалистичка полиција, како и словенечки експерт за проценка и пресметка незаконски стекнат имот, беа разгледани конкретни прашања со кои се соочуваат македонските јавни обвинители и истражни органи во тековните финансиски истраги. Консултациите овозможија длабинска анализа и разработка на можностите за успешна реализација на започнатите финансиски истраги со цел конфискација на незаконски стекнатиот имот.

На работилницата во Дојран присуствуваа претставници на Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за внатрешни работи кои во рамките на овој проект веќе беа вклучени во подготовката на Стандардни оперативни процедури за финансиски истраги за македонските институции. Со словенечките колеги тие разговараа за начините на кои можат да придонесат за развој и унапредување на системот за финансиски истраги во земјава, преку искористување на искуството и знаењето во оваа област, постојано усовршување, меѓуинституционалната соработка и развој на тимскиот пристап во работата.

Проектот „Поддршка за Поглавјето 24 – Финансиски истраги“ кој се реализира со поддршка од Република Словенија е исклучително важен за Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и за останатите институции во нашата земја вклучени во спроведување на финансиските истраги. Овој проект, во рамките на кој се планирани активности и во текот на 2024 година, значително влијае на зголемување на брзината и ефикасноста на финансиските истраги кои ги спроведуваат македонските институции.