Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен акт, како и предлог за продолжување на мерките притвор, куќен притвор и за определување на мерки на претпазливост против 11 лица.
Со обвинението лицето Д.А. првообвинет се товари дека сторил кривично дело „Злосторничко здружување” од чл.394 ст.1, кривично дело „Изнуда” од чл.258 ст.2 в.в. чл.45, кривично дело „Лихварство” од чл.260 ст.1 в.в. чл.45, кривично дело „Криумчарење мигранти” од чл.418-б ст.2 в.в. чл.45 и кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти” од чл.418-в ст.1 од Кривичниот законик.
Лицата Н.И., С.И., Б.И. и Ш.И. се обвинети дека сториле кривично дело „Злосторничко здружување” од чл.394 ст.1, кривично дело „Изнуда” од чл.258 ст.2 в.в.чл.45 и кривично дело „Лихварство” од чл.260 ст.1 в.в. чл.45 од Кривичниот законик.
На обвинетите А.А., Н.А, С.М., Г.И. и Џ.И. им се става на товар дека сториле кривично дело –„Криумчарење мигранти” од чл.418-б ст.2 в.в. чл.45 и кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење мигранти” од чл.418-в ст.2 од Кривичниот законик.
Единаесетиот осомничен М.С. е обвинет за сторено кривично дело – „Злосторничко здружување” од чл.394 ст.2 и кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” од чл.353 ст.3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик.
Имено, првообвинетите Д.А. и Н.И. во почетокот на 2014 година создале група за вршење на кривични дела лихварство и изнуда, на која се придружиле С.И., Б.И. и Ш.И. Во рамките на групата секој од обвинетите имал определена улога во спроведувањето на криминалниот план и извршувањето на криминалните активности организирани и координирани од првообвинетите. Групата неовластено се занимавала со давање пари на заем со усмен договор, при што искористувајќи ја тешката имотна состојба, нуждата и лекомисленоста на оштетените, обвинетите договарале несразмерна имотна корист со намера да прибават противправна имотна корист за себе. Групата со сила и сериозна закана ги присилувала оштетените да сторат дејствија на штета на својот имот.
Првообвинетиот Д.А. со цел да прибави имотна корист, со неговите синови А.А. и Н.А. создале група за вршење кривично дело криумчарење мигранти, при што од мај до октомври 2015 година, обвинетите по претходен договор ги прифаќале мигрантите во повеќе наврати откако ќе влезеле на територијата на Република Македонија и ги превезувале со товарни и патнички моторни возила до договорената локација.
Во текот на 2015 година првообвинетиот Д.А. создал уште една група за вршење на кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” од чл.353 од Кривичниот законик, во која прифаќајќи го криминалниот план станале припадници обвинетиот М.С. и НН лице. Првообвинетиот ги организирал, договарал и координирал криминалните активности на обвинетиот М.С. и НН лицето, а тие ги извршувале. Во својство на службено лице М.С, искористувајќи ја својата службена положба и овластување ги пречекорил границите на своето службено овластување и притоа за себе прибавил противправна имотна корист во износ од 19.000 евра.
Согласно чл.321 ст.3, чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 и чл.163 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител предложи oпределената мерка притвор да биде продолжена за обвинетите Н.И., С.И, Б.И., Ш.И., А.А. и Н.А., како и мерката куќен притвор за Д.А.
Исто така, согласно чл.146 ст.1 т.7 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител предложи да се определат мерки на претпазливост за М.С. и тоа забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело од причина што постои основано сомнение дека обвинетиот доколку и понатаму ја извршува функцијата, би можел да превзема определени дејствија злоупотребувајќи ја својата положба и барајќи логистичка поддршка од одредени лица, а се со цел негово ослободување од кривична одговорност за кривичните дела што му се ставаат на товар, со што би го попречувал и водењето на кривичната постапка.
За останатите С.М., Г.И. и Џ.И. остануваат определените мерки за претпазливост.