Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против четири лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, вработени како службени лица во Агенцијата за катастар на недвижности Скопје, со искористување на својата службена положба и овластување и спротивно на одредбите од Законот за катастар на недвижности, склучиле договори за извршување консултантски услуги со Републичкиот геодетски завод Србија.
Договорите биле склучени на ист датум во декември 2016 година, во рамките на Проект за управување со недвижности, а врз основа на нив на обвинетите им биле исплаќани средства во текот на повеќе месеци во 2017 година. На овој начин, секој од обвинетите, во зависност од својот ангажман, за себе прибавил противправна имотна корист од поголема вредност – односно 1.000.541 денари, 763.031 денари, 753.072 денари и 930.378 денари соодветно.