Соопштенија

Поднесен обвинителен предлог за неовластено пуштање во промет наркотичнa дрогa од помало количество

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 10.04.2019 година, во својот дом на ул. „Лазар Трпковски“ во Скопје, обвинетиот 29-годишен скопјанец неовластено заради продажба држел наркотична дрога кокаин со вкупна маса од 1,77 грама, спакувана во шест полиетиленски пакувања. Дрогата неовластено ја набавил заради продажба од непознато лице.

При претресот на домот на обвинетиот од страна на овластени службени лица била пронајдена и една дигитална вага со остатоци од кокаин.

Надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор, бидејќи се уште постои опасноста од бегство како законски основ заради кој оваа мерка првично била определена, а особено со оглед на тоа што се работи за лице кое и претходно е осудувано за ист вид кривично дело.