Соопштенија

Поднесено обвинение против 11 лица за злоупотреби при издавањето пасоши

По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против 11 лица во врска со злоупотреби извршени при издавањето на патни исправи. Со поднесениот предлог, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

Обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности.

Со искористување на својата службена положба и овластување, тие прибавиле за себе материјална корист, правејќи лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на РСМ, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во РСМ, но поседуваат македонско државјанство. Потоа обвинетите ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи, со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои заради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Тие баратели потоа имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет.

Со тоа обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РМ, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање на патна исправа, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем „Симболико“, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето.

Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и лицето недостапно на органите на прогонот побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца пак на сила се определени мерки на претпазливост.

Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Па така, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Исто така, и Јавното обвинителство интензивно ќе обезбедува докази со испитување лица кои имаат податоци околу издавањето на спорните пасоши.