Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, жителка на Кавадарци со престојувалиште во Скопје, која е обвинета дека сторила кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
Обвинетата, на возраст од 32 години, во текот на месец ноември, во станот во кој престојувала на улица „Венјамин Мачуковски“ во скопски Аеродром, неовластено заради продажба држела наркотична дрога – хероин и марихуана. На 14 ноември, при претрес во домот, овластени полициски службеници пронашле 5,79 грама хероин и 0,58 грама марихуана, како и парични средства за кои постои сомневање дека потекнуваат од продажба на дрога.
Во текот на истражната постапка, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека обвинетата остварувала телефонска комуникација со лица на кои им ја продавала дрогата, како и со сведок-таксист кој повеќе пати ја превезувал до локации во Скопје каде обвинетата неовластено продавала марихуана и хероин.
Во конкретниот случај, надлежниот јавен обвинител оцени дека се уште се исполнети законските основи, односно дека обвинетата би можела да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Од тие причини обвинителот до Судот достави и Посебен предлог да биде продолжена претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.