Соопштенија

Поднесено обвинение против три лица за злоупотреба на службена положба во ФКН АД Неготино

Основното јавно обвинителство Велес, по спроведена истрага, до Основен суд Велес поднесе Обвинителен акт против две лица од Скопје, како соизвршители, за продолжено кривично дело –  Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 од Кривичниот законик и против едно лице од Скопје за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 од Кривичниот законик како помагач.

Во временскиот период од 2002 година до 2006 година, двајца од обвинетите биле управители на Алскоп ГМБХ од Франкфурт, Германија со единствено право на застапување. Во исто време, еден од нив ја извршувал функцијата генерален директор на ФКН АД Неготино, додека другиот бил претседател на Одборот на директори на ФКН АД Неготино. Притоа тие, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, во повеќе наврати на штета на ФКН АД Неготино за себе прибавиле значителна имотна корист во вредност од 5.725.123.048,35 денари. Во ова со умисла им помогнала и третата обвинета, во својство на законски застапник на Интер кабел АД Скопје.

Двајцата обвинети, спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, склучувале договори и донесувале одлуки во кои имале интерес, без да добијат одобрување од неизвршните членови на Одборот и без да го известат Собранието на акционери. Имено, без спроведена постапка и без донесена одлука од Собранието на акционери тие стапувале во деловни односи со фирмата Интер кабел АД Скопје и со Алскоп ГМБХ.

Третата обвинета не платила претходно примени фактури за извршен превоз од фирмите Повардарие Шпед, Поп Транс, Алекса Турс и Макошпед СК, туку ги префактурирала на правното лцие ФКН АД Неготино по што останатите двајца обвинети ги прифаќале ваквите фактури.

На 29.11.2005 година, двајцата обвинети помогнати од третата обвинета, склучиле договор за пристапување кон договорот за рамковен револвинг кредитен лимит помеѓу Интер кабел и Комерцијална банка со договор за залог врз недвижен имот. Кредитот со пресметаните камати во износ од 40.221.194,50 денари во целост го исплатиле на 20.10.2007 година на штета на ФКН АД Неготино.

На 18.09.2007 година  еден од обвинетите, како одговорно лице на ФКН АД Неготино,  помогнат од третата обвинета како законски застапник на Интер кабел,  склучил договор за отстапување на побарување-цесија помеѓу Интер кабел како отстапувач-цедент, Елинг Скопје како примач на побарувањето – цесионер и ФКН АД Неготино како должник-цесус, со што побарувањето на Интер кабел од Скопје кон ФКН АД Неготино преминало на Елинг Скопје. Договорот не бил книговодствено евидентиран во ФКН и немал деловоден број, со што на Интер кабел му бил признат без основ износ од 39.331.471,50 денари на штета на ФКН.