Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари дека извршило две кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 5 август, влегол во просториите на финансиското друштво „М КЕШ“ ДООЕЛ во трговскиот центар „Палома Бјанка“ и со звучно-сигнален пиштол марка „Екол“ и се заканил на вработената. Потоа се упатил зад работното биро и од фиока го одзел дневниот промет од 21.400 денари, па го напуштил местото.
На 8 август, на сличен начин влегол во просториите на финансиското друштво „Тиго Фајнанс“ на улица „Ѓорче Петров“, го извадил сигналниот пиштол, го репетирал и се заканил на две вработени кои во моментот биле во објектот. Притоа одзел 242.600 денари со намера противправно да ги присвои.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори кривичното дело.