Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот Основен кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При вршење на претрес во домот на осомничениот на улица „Христофор Жефаровиќ“ во Скопје на 11 јуни, полициски службеници пронајдоа наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 11,45 грама, спакувана во 27 полиетиленски пакувања. Биле пронајдени и 0,62 грама психотропна супстанца 3,4 – метилен – диоксиметамфетамин. Осомничениот неовластено кај себе држел и полуавтоматско кусо огнено оружје – пиштол марка CZ100 со калибар од 9мм, десет куршуми муниција за тоа оружје, како и 14 куршуми муниција за автоматско огнено оружје кое им е забрането на граѓаните.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор. .