Соопштенија

Поднесено обвинение за тешката сообраќајна несреќа во скопски Карпош

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори во тој момент биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот.

Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба.

Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница.

Имајќи ја предвид тежината на кривичното дело кое му се става на товар на обвинетиот и другите околности, јавниот обвинител оцени дека се уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон или да го повтори делото, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор. ​