Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен предлог против 53-годишна жителка на Кавадарци и против правното лице Друштво за услуги и трговија ПАКО-ПРОМ Пане ДООЕЛ увоз – извоз Ваташа – Кавадарци за сторено кривично дело – Точење алкохолни пијалоци на дете од член 204 од Кривичниот законик.
Обвинителството утврди дека обвинетата, вработена во обвинетото правно лице, на 28 декември 2019 година околу 16.30 часот на оштетеното дете на возраст од 15 години, продала шест шишиња од по 2 литри вино, едно шише од 1 литар жесток пијалoк – текила и едно шише од 1 литар жесток пијалoк – вотка.
Надлежниот обвинител му предложи на судот обвинетите да ги огласи за виновни и да им изрече кривична санкција како и казна – Забрана за вршење дејност.
Постапката против обвинетите е поведена по допрен глас, откако за стореното кривично дело обвинителството дојде до сознанија, истражувајќи друг кривично-правен настан, во кој купениот алкохол го консумирале повеќе лица на возраст од 15 до 18 години. При што едно од лицата, на возраст од 18 години, во алкохолизирана состојба се самоповреди со нож.
Основното јавно обвинителство Кавадарци во текот на изминатите неколку месеци, во соработка со ОВР Кавадарци и ОВР Неготино, спроведуваше едукативни средби со претставници на правни друштва, меѓу нив и на угостителски објекти, кои што продаваат алкохолни пијалоци. При средбите јавен обвинител ги истакна негативностите од продавање алкохол на деца и одредбите од Кривичниот законик каде истото е предвидено како кривично дело, за што беа најавени зачестени контроли од надлежните институции. Во Основното јавно обвинителство Кавадарци во моментов се постапува по повеќе предмети за лица кои не ја почитувале законската забрана за точење алкохол на деца.