Соопштенија

Поднесено обвинение за злоупотреба во Агенцијата за филм

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетата се товари дека како службено лице – директор на Агенцијата за филм, во периодот од 21.01.2016 до 14.06.2017 година, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на службеното овластување, за правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје прибавила значителна имотна корист од 68.000.000 денари.

Имено, спротивно на член 18 од Законот за филмска дејност, таа незаконито раководела со постапката за избор, исплата на одобрени парични средства и надзор над производството на филмски проект – играна серија од 4 сезони со наслов „Македонија“.

По објавен конкурс за финансирање проекти од национален интерес, на 21.01.2016 година, обвинетата дала предлог за избор на проектот „Македонија“, а ваквиот предлог бил прифатен од Управниот одбор на Агенцијата за филм. На 10.02.2016 година таа склучила Договор со правното лице Јадран Филм ДООЕЛ Скопје за финансирање на проектот во износ од 283.000.000 денари без да обезбеди банкарска гаранција во висина од 25% од износот на одобрени средства.

Притоа, не биле приложени ниту потврда за обезбедени сопствени парични средства на Јадран Филм ДООЕЛ Скопје во износ од 17.988.750 денари, детален буџетски приказ со спецификација на планирани средства за реализација на секоја ставка по цена, количина и број, разработен план за снимање на серијата со наведено времетраење и локација, а не постоел ниту доказ за успешност, односно претходно продуцирани филмови од наведеното правно лице. Договорот бил склучен само врз основа на приложен концепт за серија наместо изготвено сценарио.

На 26.10.2016 година обвинетата склучила анекс-договор со кој го намалила бројот на епизоди во првата сезона од 25 на 14. На 27.10.2016 година, без претходно одобрение од Управниот одбор, склучила втор анекс-договор со кој дозволила однапред да се изврши исплатата на одобрени средства за првите две фази од првата сезона на проектот во износ од 68.000.000 денари, иако била обврзана исплатата да ја врши за секоја фаза одделно врз основа на претходно доставен и одобрен извештај за наменски потрошени средства со доказ за извршени исплати.

На 23.11.2016 година обвинетата наложила исплата на износот, иако знаела дека Јадран Филм ДООЕЛ Скопје не постапил по Договорот, односно воопшто не ја спровел првата фаза од проектот – развој и подготовка, не создал услови за отпочнување на снимањето, не ангажирал директор на фотографија, актери, монтажер, костимограф, сценограф, опрема за снимање и камермани.

На 14.06.2017 година, при постоење на истите околности, по претходна одлука на Управниот одбор, обвинетата склучила трет анекс-договор со кој го продолжила времетраењето за производството на првата сезона и со тоа и нанела значителна имотна штета на Агенцијата за филм.

Истражната постапка во овој предмет најпрвин ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но во текот на постапката се утврди дека станува збор за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 3 од Кривичниот законик, па предметот беше доставен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. По приемот на предметот, надлежниот јавен обвинител презеде и дополнителни истражни дејствија, а по нејзино барање изврши и дополнителен распит на осомничената, по што до Основниот кривичен суд Скопје беше поднесен Обвинителен акт. За обвинетата на сила се претходно определени мерки на претпазливост.