Делегација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Советот на јавните обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители во периодот од 13-17 октомври престојуваше во студиска посета на Лисабон, Португалија.
Во рамките на посетата на португалското Државно јавно обвинителство и на Вишиот совет на јавни обвинители, тие се запознаа со правната рамка и начинот на функционирање на јавнообвинителските институции во оваа европска земја, особено од аспект на финансирањето и самостојноста на јавнообвинителскит систем, транспарентноста на постапките, оценувањето и надзорот над работењето на јавните обвинители.
Учесниците на студиската посета се сретнаа и разменија искуства со Дејвид Александрино де Агилар, јавен обвинител во португалското државно јавно обвинителство, со Марија Ракел де Карвајо, членка на Советот и со претставници на инспекциската служба на Советот, а беа примени и од Пауло Моргадо де Карвајо, заменик-генерален обвинител на Португалија.
Учесниците го посетија и специјализираното јавно обвинителство за истраги во Лисабон каде директорката Мариа де Лурдес Парада ги запозна со електронскиот систем за водење на предметите. Ова обвинителство постапува по најтешките и најсложените предмети во Португалија, вклучувајќи ја и истрагата за неодамнешната несреќа на португалската жичница “Глорија”.
Во Академијата за правни студии во Лисабон учесниците дискутираа и разменија искуства во поглед на надлежностите, организациската структура, финансирањето и програмите за почетна и континуирана обука на јавните обвинители.
Посетата ја организираше проектот “Поддршка на ЕУ за владеење на правото”, финансиран од Европската унија.