Јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишаа нов Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство, со што ја потврдија посветеноста за засилување на меѓуинституционалната координација за успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка.
Со протоколот се дефинирани многу клучни изрази, но и текот на конкретните постапки во зависност од класификацијата на предметите како кривични предмети од редовна надлежност, кривични предмети од специјализирана надлежност или сложени кривични предмети. Притоа утврден е начинот на постапување и на полицијата и на јавните обвинители. Особено важна е разработената соработка во предистражната и истражната постапка, како и координацијата во примената на посебните истражни мерки.
„Зошто е ова важно? Во изминатите денови нашата земја се соочи со страшна национална трагедија која ги стави и се уште ги става на тест сите институции. Особено оние кои се задолжени да обезбедат ефикасен кривичен прогон на сите кои имаат одговорност за страшните последици. Од нашето координирано постапување директно зависи силата на одговорот со кој општеството ќе се обиде да постави нови основи на одговорност и да ги увери граѓаните во системот на правда“, истакна Коцевски во обраќањето.
„Преку овој протокол, се отвора можност за продлабочување на соработката и во делот на информирање на јавноста за постапките што ги водиме. Затоа што јавноста во крајна линија мора да стекне доверба во нашата работа, а тоа е можно доколку таквата меѓусебна координираност на постапките е видлива и за граѓаните“, додаде тој.
Министерот Тошковски нагласи дека засилената заложба за подобрување и јасно дефинирање на системот за борба против криминалот значи и постојано унапредување на правилата на игра, по кои институциите ќе можат да соработуваат, и што е поважно, ефикасно да ја водат таа борба.
„Со потпишување на овој Протокол ги поставуваме темелите на доверба и соработка, каде што заедничката цел е јасна – успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка. Ова не е само правен документ, туку и знак на волја за заедничка акција, заснована на доверба, транспарентност и отчетност“, нагласи министерот Тошковски.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, кои учествуваа во креирањето на овој Протокол нагласи дека МВР и Јавното обвинителство влегуваат во нова фаза на соработка во која ќе се реализираат придобивките од овој протокол.
„Овој чекор ќе го засили делот на спроведување на кривичната постапка, ќе има видлив оперативен ефект и ќе поплочи патот кон заеднички обуки и практики. Стандардно оперативните процедури и практични алатки ќе овозможат многу поефикасна борба со сложените криминални случаи, корупцијата, организираниот криминал, финансиските криминали и сајбер криминалот“, потенцираше амбасадорот Вал.