Соопштенија

Поведена истрага против лицето одговорно за оштетување на 18 автомобили во катна гаража

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 48-годишник, на 22 јули, во алкохолизирана состојба, во катната гаража наспроти Трговскиот центар „Буњаковец“ во Скопје, со метална шипка (хебла) и брава од врата оштетил 18 паркирани моторни возила.

Со оглед на тоа што се утврди дека осомничениот со своите дејства причинил материјална штета од поголем обем чиј вкупен износ се проценува на најмалку 208.000 денари, јавниот обвинител оцени дека е исполнет елементот на наведеното кривично дело кое се гони по службена должност и за кое е предвидена казна затвор од една до десет години.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори делото.