Соопштенија

Поведена постапка за гевгеличанецот кој со лажно претставување измами повеќемина

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против лице на возраст од 41 година, за сторени две кривични дела од продолжен вид и тоа: Измама од член 247 став 1  во врска со член 45 став 4 во врска со став 1 и Злоупотреба на лични податоци од член 149 став 1 во врска со член 45 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот во временскиот период од 28.10.2019 година до 2.2.2020 година, во 18 наврати со умисла извршил временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно извршување на истото дело. Тој со намера за себе да  прибави противправна имотна корист се јавувал телефонски на повеќе повозрасни лица, претставувајќи се како службеник вработен во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или во други државни институции кои вршат дејност од јавен интерес. Со лажно прикажување факти ги доведувал, а потоа и држел во заблуда оштетените дека може да им  помогне во остварување на  некое право или придобивка од пензија. За да им обезбеди додаток на пензија, заостанати исплати на пензии од брачни другари,  запирање на извршување или друго право, осомничениот барал од оштетените да му достават  лични податоци и документација и да му дадат парични средства за вршење на услугата. Вршејќи измама, осомничениот успеал за себе противправно да присвои 54.650,00 денари од вкупно договорените 112.840,00 денари.

Бидејќи постојат околности кои  очигледно укажуваат на опасност од бегство, а имајќи ја предвид тежината на сторените дела и запретената казна, јавниот обвинител до Основниот суд Гевгелија достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од осум дена.​