Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице, државјанин на Република Србија за сторено кривично дело Тешка кражба од член 236 став 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 20 февруари во попладневните часови се обидел да украде патничко моторно возило Мерцедес Бенз Е 250 АМГ во сопственост на трговско друштво од Скопје. Возилото било паркирано, заклучено и со дополнителна автоматска електронска заштита на заклучување. Осомничениот влегол во возилото со намера да го одземе и противправно да го присвои во што бил спречен од три лица. Во моментот кога со помош на електронски уреди кои ги носел со себе, осомничениот се обидувал под управувачот да го стартува возилото, бил забележан од трите лица. Тие не му дозволиле на осомничениот да излезе од возилото и повикале полиција.
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ценеше дека се исполнети законските основи и до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.