Соопштенија

Поведена постапка за лице кое е учесник во два одделни кривично правни настани во Кичево и Струга

Основните јавни обвинителства од Гостивар и Струга координирано преземаат дејствија против осомничен кој изврши убиство во Кичево, а со уште едно лице се обиде да изврши  разбојништво и силување во Струга.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 46-годишен сторител на кривично дело Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот делото го извршил на 29 декември 2018 година, кога со умисла од живот го лишил оштетениот – сопственик на угостителски објект. Истовремено со донесената Наредба за спроведување на истражна постапка, обвинителството предложи и определување на мерка притвор против осомничениот, ценејќи дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.

Околу 17.00 часот, осомничениот заедно со други лица бил во угостителскиот објект на сега починатиот со кој разговарал за негово работно ангажирање на друго место. Откако заминале другите гости, осомничениот без посебен повод и причина, се доближил до сега починатиот, го соборил на земја и земајќи нож од работна маса, неколкупати му задал убодни рани во пределот на градниот кош. Од сериозноста на повредите оштетениот починал на самото место. На местото на настанот извршен е  увид од надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи. Издадени беа повеќе наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место и за вршење на обдукција на починатото лице.

При спроведување на истражните дејствија, во координација со Основото јавно обвинителство Струга е утврдено дека осомничениот се гони од страна и на обвинителството од Струга за кривични дела Разбојништво од член 237  и Силување од член 186  од Кривичниот законик. Овој настан се случил на 31 декември 2018 година   кога осомничениот заедно со уште едно лице, државјанин на Република Албанија, извршиле разбојништво во обложувалница Моцарт во Струга. Двајцата осомничени чекале да заминат другите гости од објектот, по што физички ја нападнале вработената обидувајќи се да извршат силување. Оштетената силно се спротивставила и успеала да се отргне од двајцата напаѓачи. Тие направиле обид и за разбојништво одземајќи го клучот од касата, но поради силното викање на оштетената побегнале од местото на настанот и не успеале во обидот.

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против двајцата осомничени. Со оглед на тоа што едниот од нив е опфатен во предметот по кој постапува обвинителството од Гостивар и за него е веќе побаран притвор, Основното јавно обвинитество Струга побара мерка притвор само за вториот осомничен.