Соопштенија

Поведена постапка за злоупотреби при издавањето возачки дозволи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица вработени во Министерството за внатрешни работи – Одделение за управни работи Скопје за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, за повеќе граѓани креирале барања, спроведувале процедури и одобрувале изработка на возачки дозволи за Б категорија, иако барателите немале положено возачки испит и не се стекнале со право за поседување возачка дозвола.

За еден од осомничените, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. За останатите седуммина предложени се мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат во Основниот кривичен суд Скопје, како и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

Во исто време, надлежниот јавен обвинител поведе постапка и против 31 друго лице кои извршиле поттикнување при извршувањето на наведеното кривично дело, односно се јавувале како баратели на возачки дозволи, иако немале положено возачки испит.​