Соопштенија

Поведени истраги против дилери на хероин во Скопје и Велес

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело- Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

При претрес во домот на осомничениот, на 15 март полицијата пронајде 480,3 грама хероин, во 43 пакувања, како и 7,13 грама марихуана. При претресот биле одземени и четири дигитални ваги и други предмети со остатоци од хероин.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 21-годишник, бидејќи оцени дека постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото.

Основното јавно обвинителство Велес,  пак, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27-годишник кај кого при претрес во домот на 13 март беа пронајдени околу 90 грама хероин измешани со кофеин и працетамол.

И за овој осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции обвинителството предложи да биде определена мерка притвор.