Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе предлози за издавање казнен налог против две физички лица и едно правно лице кои го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.
Имено, едно лице на возраст од 30 години е обвинето затоа што на 15 јуни со товарно моторно возило допатувало од Република Бугарија, при што на граничниот премин Деве Баир потпишало изјава дека само ќе транзитира низ територијата на Република Северна Македонија и за три часа со возилото ќе излезе на граничниот премин Табановце. Наспроти ова, тој со возилото се упатил во својот дом во Радовиш. Таму не ја применил мерката за задолжителна самоизолација во домашни услови и на 17 јуни не бил затекнат во домот од овластени полициски службеници. По ова, обвинетиот со Решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ПО Струмица е ставен под здравствен надзор и му е одредена мерка – строга изолација во државен карантин. Заради непочитување на здравствените прописи, Обвинителството му предложи на судот за обвинетото лице да изрече парична казна од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.
Освен ова, Основното јавно обвинителство Радовиш поведе постапка против правно лице – кафетерија во Радовиш и против одговорното лице – управител на кафетеријата, кои не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразна болест. Спротивно на Протоколот за работа на кафетериите усвоен од Владата на Република Северна Македонија, на 2 јуни полициски службеници од МВР ПС Радовиш констатирале дека кафетеријата работи и послужува гости и после 22 часот.
Јавниот обвинител му предложи на Судот да изрече парична казна за правното лице во висина од 120.000 денари, а на управителот – парична казна од 50 дневни глоби со вредност од по 10 евра во денарска противвредност за една дневна глоба.