Амбасадорката на САД Н.Е. Кејт Мари Брнз денеска во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ). Донацијата со вредност од 35.000 американски долари е наменета како поддршка за намалување на ширењето на КОВИД-19.
„Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Северна Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација“, нагласи амбасадорката Брнз.
Донацијата што ја предаде Амбасадорката на САД Брнз ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд м-р Фаик Арслани, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.
„Оваа донација доаѓа во вистинско време, во момент кога имаме потреба сите заедно да се бориме против пандемијата на КОВИД-19“, рече Арслани.
„На сите ни е јасно дека само со координиран пристап, солидарност и тесна соработка ќе ја добиеме оваа битка со многу опасниот коронавирус. САД се многу пати докажан пријател и поддржувач. Тие се со нас во справувањето со сите досегашни предизвици“, додаде Јовески.
„Оваа донација всушност ќе ни овозможи да продолжиме со интензивно темпо да ги штитиме нашите штитеници и вработените во казнено-поправните установи, за спречување на ширењето на КОВИД-19“, истакна Стојановиќ.
Инаку, во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет, јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.
Така, Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6.360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители.