Основното јавно обвинителство Битола поведе постапки и поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 12 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, во различни временски периоди и на различни локации биле затекнати при непочитување на прописите со кои како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот се воспоставува забрана за движење на населението во одредени делови од денот. Спротивно на прописите тие се движеле на наведените локации без да поседуваат дозвола за тоа.
Надлежните јавни обвинители на Основниот суд Битола му предложија за сите обвинети да определи парични казни од по 100 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 10 евра во денарска противвредност.