Соопштенија

Предложени парични казни за непочитување на здравствените прописи во гостиварско

Гостиварското обвинителство поднесе предлози за издавање казнени налози против девет лица за кривично дело  – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Шестмина обвинети, од кои петмина од Форино и едно лице од Гостивар, не ги почитувале решенијата со кои здравствените власти им одредиле задолжителна изолација и лекување во домашни услови. Наспроти задолженијата наведени во решенијата, при извршената проверка тие не биле затекнати во нивните домови.

Останатите тројца обвинети, пак, не го почитувале важечкиот полициски час и за време на забраната определена како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот се движеле на различни локации во градот без да поседуваат соодветна дозвола.

За сите обвинети надлежните јавни обвинители му предложија на Основниот суд во Гостивар да определи парични казни од по 100 дневни глоби.