Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за сторено кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Првиот обвинет на 19 март пристигнал од Република Хрватска, земја со среден ризик за ширење на заразната болест COVID-19. При влез во државата потпишал Изјава дека ќе спроведе самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом, согласно мерките и препораките за спречување на ширењето на заразната болест. Но, при извршена контрола од страна на полициски службеници, обвинетиот не бил затекнат во неговиот дом.
Три лица се обвинети за непостапување според здравствените прописи, откако не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Обвинетите на 24.03.2020 година, околу 22:15 часот заедно отишле во дом на друго лице од Куманово со кого имале претходни несогласувања. Обвинетите започнале вербална расправија, а потоа и физичка пресметка. Поради нарушување на јавниот ред и мир, биле повикани полициски службеници, кои го констатирале извршеното кривично дело од страна на обвинетите.
Заради непостапување согласно забраната за движење на населението на Република Северна Македонија во период од 21 до 5 часот, кумановското обвинителство поднесе Предлог за издавање казнен налог за уште едно лице. Обвинетиот се движел пеш низ градот, со што не постапил според мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење или сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот.
За стореното кривично дело, обвинителството на Основниот суд во Куманово му предложи, на секој од обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глови, секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност.