Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 32- годишен прилепчанец за кого постои основано сомнение дека извршил едно кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и дека се обидел да изврши уште едно исто такво кривично дело.
На 13 декември, со употреба на опасно орудие и закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото, осомничениот одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Тој маскиран влегол во аптека на улицата „Васко Карангелевски“ во Прилеп, држејќи во раката кујнски нож и се заканил на вработената за да му ги даде парите од касата. Оштетената, исплашена за својот живот, извадила од касата 2.500 денари и му ги предала, а осомничениот веднаш го напуштил местото на настанот, бегајќи во непознат правец.
На 18 декември, пак, на сличен начин, осомничениот влегол во друга аптека на истата улица. Исто така на вработената и се заканил со нож со барање да му даде пари, но таа го повикала сопругот кој се наоѓал во друг дел од објектот. Кога видел дека сопругот на вработената се доближува, осомничениот избегал без да ја реализира намерата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.