Соопштенија

Притвор за двајца браќа заради дрога и оружје

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка за двајца браќа, жители на село Боговиње, тетовско, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 , а еден од нив и кривичното дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

При извршен претрес од службени лица на 18 мај 2021 година, на две локации, во Тетово и во село Боговиње, заради продажба држеле наркотична дрога марихуана распоредена во одделни пакувања со вкупна нето  маса од 9375,4 грама. Покрај дрогата, при претресот во куќата во с. Боговиње бил пронајден и еден пиштол марка „Бруни“ со калибар 8 мм, кој неовластено го држел еден од осомничените.

Обвинителството до Основниот суд Тетово поднесе предлог за определување на мерка притвор за двајцата браќа, поради потреба да се обезбеди непречено водење на кривичната постапка.