Соопштенија

Притвор за осомничен за кражби на мобилни телефони во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 43-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил три кривични дела – Тешка кражба по член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Во текот на претходната постапка беа обезбедени докази дека осомничениот на 20 и 26 октомври 2022, во продавница за облека во Градскиот трговски центар во Скопје, искористил невнимание на две жени и им ги одзел мобилните телефони, од кои едниот во вредност од 20.000, а другиот вреден 77.000 денари.

На 23 март годинава, осомничениот искористил што градски автобус кој се движел по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов” бил преполн, па од џебот на еден патник одзел мобилен телефон вреден 20.000 денари.

Оценувајќи дека постои опасност од бегство на осомничениот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 8 дена.