Соопштенија

Притвор за осомничен за криумчарење на 12 мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои на основано сомнение дека сторило кривично дело Криумчарење мигранти по член 418-б  став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот со намера да ги превезе до Куманово, неовластено на точно неутврдено место прифатил и превезувал 12 илегални мигранти  од кои седум малолетни деца. Откако биле довезени на договореното место, во близина на бензинска пумпа на автопатот А-1 во правец од Табановце кон Куманово,  полициските службеници го забележале патничкото моторно возило марка Ауди А8  и мигрантите кои излегувале од него. Откако се упатиле кон возилото, возачот со голема брзина се дал во бегство. Полициските службеници безуспешно во неколку наврати се обиделе да го запрат возилото. По неколку часа, истиот ден по добиено известување дека осомничениот  управувајќи со  предметното возило побегнал од местото на настанот, Единицата Алфи при Министерството за внатрешни работи го пронашла осомничениот и го лишила од слобода.

Ценејќи дека се исполнети основите предвидени во член 165 ст.1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот со Решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена.