Соопштенија

Притвор за седум лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани осомничени дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.

На сите седум осомничени лица по предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на судија на претходна постапка им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Како што веќе информиравме, на 30 ноември и први декември, согласно поведената кривична постапка против Меѓународна организирана криминална група, што се занимава со неовластено производство и држење заради продажба на тнр. „Синтетички дроги“, Министерството за внатрешни работи, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, врз основа на наредби издадени од судија на претходна постапка, изврши претрес на повеќе објекти и локации на подрачјето на Тетово и Скопје.

При претресот на локацијата во Тетово е откриена инсталирана нелегална, лабораторија – погон за одвивање на техничко-технолошки процес за неовластена преработка на различни материи и супстанции за неовластено производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, како и големи колични на различни материи и супстанции. На локација во скопско Батинци е откриена опрема и големи количини на материи, за кои основано се сомнева дека се со истата намена, како пронајдените во Тетово.

Од првично извршените вештачења на помал дел од пронајдените супстанции е утврдено дека групата произвела во форма на таблетки вкупно 204.696 парчиња со вкупна маса од 35,044 килограми. Таблетите содржат активна компонента на психотропна супстанца -амфетамин, која е стимуланс на централниот нервен систем класифициран во Листа II на забранети опојни дроги и психотропни супстанции. Во тек се вештачења над останатите пронајдени материи и супстанции за што јавноста континуирано ќе биде известувана.

Продолжува и меѓународната правна соработка помеѓу Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија за целосно расветлување на случајот.