Соопштенија

Притвор за шверц на дрога на граничниот премин Деве Баир

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 7 март, при излез од државава на граничниот премин Деве Баир, неовластено пренесувал наркотична дрога хашиш со вкупна нето маса од околу 8,3 килограми и марихуана со вкупна нето маса од околу 4,9 килограми. Дрогата претходно ја набавил од лице во Република Албанија и ја скрил во специјално изработен бункер под возачкото и совозачкото седиште во неговиот автомобил БМВ со албански регистерски ознаки. Потоа се обидел дрогата да ја пренесе во Република Бугарија, но бил откриен од царинските службеници на граничниот премин Деве Баир.

Поради опасност од бегство, можност да влијае врз постапката или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Куманово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​