Соопштенија

Притвор заради разбојништво врз мигранти

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице на возраст од 21 година, државјанин на Пакистан поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска  со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 18.07.2021 година, околу пладне, во планинскиот предел на м.в „Под камен“, во атар на с. Лојане, општина Липково, во состав на група со уште девет НН лица, со употреба на сила и опасно орудие од друг одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат. Осомничениот заедно со другите лица од групата пресретнале мигранти кои  се движеле пеш во с.Лојане, по што упатувајќи закани кон оштетените започнале со метални шипки да ги удираат оштетените  по главите и телата. Притоа од секој од оштетените одзеле пари во износ од 600 до 800 евра, а од дел од нив и златен накит кој оштетените го носеле со себе. Осомничениот заедно со други засега непознати лица од групата,  ги задржале оштетените заканувајќи им се по живот, се до моментот кога биле откриени од страна на полициските службеници по што непознатите лица од групата се разбегале во непознат правец, а осомничениот бил фатен од полициските службеници.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесе Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, бидејќи постои основан страв дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и оправдан страв дека може да се даде во бегство, но и да го повтори кривичното дело доколку се брани од слобода.

 Судијата на претходна постапка по спроведена постапка донесе Решение со кое на осомничениот  му определи притвор во траење од 30 дена.