Соопштенија

Првоосомничениот се повика на судски имунитет по предлогот на обвинителството

Првоосомничениот кој не беше достапен и за кого Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден побара да му биде определена мерка притвор, денеска самоволно се појави пред Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Во текот на денешното рочиште осомничениот се повика на судскиот имунитет. Судијата на претходна постапка го одложи рочиштето за да согласно законските одредби се обрати до Судскиот совет и да побара симнување на имунитетот. По добивање на известувањето за одлуката на Судскиот совет постапката ќе продолжи.

Воедно, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека со вчера определените мерки за куќен притвор и мерки на претпазливост се поттикнуваат сторителите на кривичните дела и понатаму да извршуваат кривични дела, до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје достави жалби по решенијата на Судијата на претходна постапка.