Соопштенија

Работилница за зајакнување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство

Партнерството помеѓу ревизорските и обвинителските органи претставува клучен механизам за заштита на јавниот интерес, борба против корупцијата и обезбедување отчетност и интегритет во користењето на јавните средства, истакнаа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Главниот државен ревизор Максим Ацевски, на отворањето на работилницата за дополнително зајакнување на соработката меѓу двете институции, организирана со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер во државата и Британската Амбасада во Скопје.

„Јавните обвинителства активно постапуваат и ги користат ревизорските извештаи во постапките што ги водат за различни кривично-правни настани. Притоа, во последниот извештаен период поднесени се неколку обвиненија во предмети засовани врз наодите од ревизорските извештаи и во тек се или се очекува почеток на судски постапки. Така, во предметот „Онкологија“, кој е од особен интерес на јавноста, заврши истрагата и беше поднесен обвинителен акт. Веќе е започната судската постапка во која ревизорските наоди и согледувањата на ревизорите кои постапувале се важен доказ“, истакна државниот јавен обвинител Коцевски.

На работилницата беше презентирана улогата и резултатите од истражните центри во јавните обвинителства, кои како специјализирани единици придонесуваат за поефикасна координација и спроведување на истражните постапки. Нивната работа е од особено значење во собирањето и анализа на податоци, поддршката на обвинителите при водење на истраги и зајакнувањето на институционалната соработка, особено во случаи поврзани со финансиски криминал и коруптивни практики.

Исто така, беше разгледана и имплементацијата на Меморандумот за соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, кој создава цврста основа за заедничко делување и поефикасно постапување по ревизорските извештаи, со цел поголема отчетност и заштита на јавниот интерес.

На состанокот беа организирани одвоени работни сесии помеѓу јавни обвинители и ревизорски тимови за постапувањето по конечните ревизорски извештаи, каде што се споделија искуства и практични предизвици со цел унапредување на идните процеси и зголемување на ефективноста на институционалните механизми.