Соопштенија

Реакција

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро реагира на наводите изнесени во прилогот ТВ Телма под наслов „„Синџирот“ врза ситен дивеч, крупните „ѕверки“ во бегство“ потпишан од новинарот Срѓан Стојанчов. Со невистинити и непроверени информации содржани во овој прилог е доведен во прашање интегритетот и легитимитетот на обвинителството и Управата за финансиска полиција.

Новинарот, повикувајќи се на наводни извори поврзани со истрагата, дава оценка дека акцијата „Синџир“ била „целосно фијаско“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција уште еднаш укажува дека станува збор за повеќемесечна предистражна постапка што, под раководство на јавен обвинител од ова обвинителство, ја спроведоа инспектори на УФП и истражители од Истражниот центар на обвинителството. Зад акцијата има посветена теренска и аналитичка работа испишана на повеќе стотици страници. Реализацијата беше договорена со денови претходно, а исходот е исклучително професионално спроведена акција од инспекторите од УФП и полицисите службеници.

Притоа не се дозволи да протечат информации за акцијата и за осомничените лица, сѐ додека јавноста не беше официјално информирана од службата на обвинителството и на УФП. Донесување на Наредба за спроведување на истражна постапка не значи дека истрагата е завршена и дека не може да се прошири и спрема други лица во текот на постапката.

Обвинителството ја разбира тенденцијата за предизвикување на моментална сензација, но непочитувањето на пресумпцијата на невиност и објавување на имиња на физички и правни лица е крајно неодговорно и непрофесионално. Укажуваме дека пресумпцијата на невиност е уставна категорија и е дел на сите основни меѓународни правни акти за човековите права и слободи, а со овој прилог директно се крши. Воедно, прилогот беше проследен со инсерти од видео записи за стари кривични дела каде се прикажуваат нивните сторители, со што се дозволи медиумски повторно да се актуелизираат случаи, да се стигматизираат лица и дополнително да се задржува вниманието на јавноста за следење на правосилно завршени предмети години наназад.

Со наведениот прилог ТВ Телма и новинарот Срѓан Стојанчов грубо го прекршуваат не само Уставот и меѓународните акти, туку и членот 8 од Кодексот на новинари кој се однесува меѓу другото и на начинот на информирање во судски постапки „кој мора да биде ослободен од сензационализми“ и да се почитува принципот на пресумпција на невиност.

Обвинителството го респектира јавниот интерес за истражните акции, но апелира за почитување на институтот пресумпција на невиност и користење на веродостојни информации од официјални извори при информирање на јавноста.