Вчера во Основниот суд – Тетово додека во постапка по предмет се објавувала пресудата, едно од присутните лица во судницата извршило напад над надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово. Имено, осомничената која е роднина на осуденото лице, вербално се заканувала на јавниот обвинител и физички го нападнала. По интервенција на судската полиција осомничената е отстранета од судницата.
Основното јавно обвинителство – Тетово издаде наредби до полициските служби за земање на изјава од осомничената, како и за обезбедување на видео записот од судницата во тетовскиот суд. Осомниченото лице се товари за сторено кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.