Соопштенија

Седумдесет лица во Скопје обвинети за непочитување на полицискиот час

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 70 лица обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Сите обвинети не постапиле согласно Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија. Имено, во издвоени кривично-правни настани тие биле затекнати како се движат без дозвола на различни локации во градот, за време на полицискиот час.

Ценејќи ги сите околности во предметите, надлежните јавни обвинители за 69 обвинети предложија парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра, додека за едно лице е предложена казна од 100 дневни глоби од по 25 евра во денарска противвредност.