Соопштенија

Скопјанец обвинет за една реализирана и една тешка кражба во обид

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 1 април, на паркинг во Градскиот парк во Скопје, со употреба на тврд предмет насилно го скршил стаклото од задната лева врата на автомобил Ауди А6  при што одзел актовка, лап-топ компјутер, надворешен хард диск, кожно палто, шушкавец, пасош и други предмети во вкупна вредност од 100.000 денари.

На 7 октомври, на булеварот „ВМРО“, на сличен начин насилно го скршил задното лево стакло од паркиран автомобил Хјундаи, со намера да одземе туѓи подвижни предмети, но во тој момент се појавиле случајни минувачи, па обвинетиот не ја реализирал намерата.

На обвинетиот по лишувањето од слобода, му беше определена мерка притвор во траење од 8 дена, а надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на притворската мерка.