Соопштенија

Скопјанец обвинет за лабораторија за марихуана во Булачани

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 2 март, на автобуска станица во населбата Хиподром, обвинетиот 26-годишник во рацете носел две најлонски ќеси со наркотична дрога – марихуана и една дигитална вага, која веднаш му била одеземена од полициски службеници. Подоцна во неговиот автомобил, паркиран во неговиот двор, биле пронајдени три најлонски ќеси и една сина кутија со марихуана, како и еден шприц со хашиш масло. При претрес на домот на обвинетиот во селото Булачани, пак, било утврдено дека тој неовластено произведувал марихуана, за што набавил опрема и инсталирал лабораторија за одгледување. Притоа биле пронајдени и 69 саксии со засадено растение – канабис, како и метална кутија со шест полиетиленски паковки марихуана.

Со оглед на тоа што и натаму постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и посебен предлог со кој побара да се продолжи претходно определениот притвор за обвинетото лице.