Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 24-годишен скопјанец, за кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 2 јуни, пред зграда на улица „Струмичка“, неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Глок“ со калибар 9 мм. На критичниот ден тој се движел со моторцикл без регистарски таблици, а на себе носел панцир. Во еден момент го пресретнале непознати лица, кои кон него испукале повеќе проектили, нанесувајќи му повреда во левата потколеница. Обвинетиот возвратил со 6 куршуми, по што се скрил во влез од зграда, а пиштолот се обидел да го скрие во сандаче на ЕВН.
Надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, бидејќи се уште постојат основите за тоа – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и можност да го повтори делото.